Свечена седница на Советот на општина Кавадарци

Свечена седница на Советот на општина Кавадарци

Советот на општина Кавадарци, вечерва по повод денот на ослободувањето на Кавадарци одржа свечена седница. Претседателот на советот Ристо Сакалиев кој ја отвори свечената седница, рече дека резултатите од работењето на советот и градоначалникот се видливи за сите граѓани.

Во своето обраќање градоначалникот Митко Јанчев оддаде почит на нашите предци, кавадаречките борци кои ги дадоа своите животи за нашето Кавадарци и како што нагласи, оставија аманет да го сакаме, чуваме и негуваме нашиот град.

Тој говореше и за проектите кои се реализираат во Кавадарци и посочи дека тој заедно со советот и администрацијата создаваат општина која ќе служи за пример.

„Кавадарци веќе претставува општина која ги нуди сите можности за напредок и безбедно живеење. Тука можеш да собираш искуство, да градиш кариера, да создадеш семејство, да се чувствуваш безбеден, да постигнеш успех и на крај да бидеш горд што си кавадарчанец. Кавадарци трета година е на врвот на листата на нај еколошки град во нашата земја. Хигиената во градот е на едно завидно ниво“ рече Јанчев и додаде дека како резултат на домаќинско работење годинава во целост ќе се реализира програмата за комунално уредување, а ќе се реализираат и проекти надвор од неа.

Посочи дека после 40 години во тек е реконструкција на градскиот парк „Љупчо Шкартов“. Се проширува улица „Шишка“ со три ленти, а ќе добие и целосно ново улично осветлување.  Најави дека до крајот на годината во градското подрачје ќе се асфалтираат 16 улици. Паралелно, рече тој се работи и во селата од општината.

Јанчев најави дека за наредната година е предвидено Кавадарци да добие современ затворен базен на местото на руинираниот објект „Ла Луна“ и изградба на филтер станица за прочистување на водата за пиење. Овој проект би се реализирал во соработка со Центарот за меѓународна соработка со Република Словенија, а со истиот значително ќе се подобри квалитетот на водата за пиење.

„Исто така важен проект за наредната година е имплементирање на проект за алкохолен дестилат во соработка со владата. Со реализација на овој проект трајно би се решиле проеблемите, со кои, за жал, оваа година се соочуваат лозаропроизводителите“ рече Јанчев и искажа благодарност до советот за соработката, вработените во локалната самоуправа, јавните претпријатија и бизнис секторот за тимската работа за поубаво Кавадарци.

На седницата беше доделено највисокото општинско признание, наградата „7 ми септември“. Годинава добитници се „Комерцијална банка“, компанијата ИГМ и општа болница со проширена дејност Кавадарци.

Во име на Комерцијална банка наградата ја подигна Хари Костов,   кој го честита денот на ослободувањето на Кавадарци, се заблагодари за укажаната чест и посочи дека учеството на банката во стопанството во Кавадарци е значително.

Сопственикот на ИГМ трејд Илија Гечев исто така се заблагодари за добиената награда. Рече дека бил посветен да инвестира во сопствениот град и тоа го постигнал со отворањето на гигантот ИГМ. Говореше за неговите инвестиции во Словенија, а нагласи дека продолжува со инвестиции и во Кавадарци и Неготино.

Во име на општа болница Кавадарци наградата за особен придонес во здравството ја подигна директорот на болницата д-р Диме Коцев.

„Во изминатиов период направивме многу, направивме Здравствена Установа која е пример за одговорно работење, чии главни придобивки се  постојаното осовременување  на капацитетите , подобрената инфраструктура и пред се кадровската екипираност  овозможувајќи  висок степен на експертиза во повеќе специјалистички области. Со тоа, од една страна ја вративме довербата во здравстото кај пациентите , а од друга страна направивме Место каде нашите млади доктори и медицински сестри ја гледаат својата иднина во реализирањето на своите професионални амбиции. Овие наши остварувања беа препознаени, како од Министерството за здравство и Локалната самоуправа, така и од многу компании од приватниот сектор, кои со сериозни инвестиции  помогнаа нашата Здравствена Установа да добие статус на Регионална Болница“ рече д-р Коцев и нагласи дека сите вработени во болницата се горди  на оваа награда , која претставува  Признание за се она што го сработиле до сега.