16 меморијален фудбалски турнир – Вуко Каров

По три години пауза, „бубамарата“ повторно се „тркалаше“ на градскиот стадион во Кавадарци во чест на Вуко Каров и кавадаречките фудбалски легенди.

Пред повеќе од 1000 вљубеници во фудбалот кои максимално го искористија топлото февруарско сонце да уживаат во ретката можност да уживаат во квалитетен фудбал, враќањето на традиционалниот меморијален турнир „Вуко Каров“ го поздравија претседателот на фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов, кои констатираа дека турнирот „Вуко Каров“ е еден од препознатливите белези на Кавадарци и на фудбаслска Македонија.

По поздравните говори, внукот на Вуко Каров, Тоше Каров и градоначалникот Александар Панов го изведоа почетниот удар и ја најавија фудбалската возбуда, која не изостана и покрај скратениот формат на натпреварување и различниот натпреварувачки ранг на екипите учеснички, Победа од Прилеп, Хоризнот Турново и домаќинот Тиквеш 2014.

Во првиот натпревар, играчите на Тиквеш 2014 докажаа дека не им е местото во четвртата лига, играјќи нерешено 1:1 против прилепска Победа која пролетва сериозно ќе атакува на влез во второлигашкото друштво. Јованов му донесе предност на Тиквеш 2014, но Тони Мегленски изедначи на 1:1.

Во вториот натпревар, Хоризонт Турново иако беше послаб противник во првите 20 минути од играта, сепак го искористи своето прволигашко искуство и со головите на Марков и Ташев си обезбеди триумф од 2:0. Идентичен беше резултатот и во третиот натпревар, во кој Ташев и Мавров погодија за Хоризонт во победата над Тиквеш 2014, иако резултатот можеше да биде многу поинаков доколку домаќините ги искористеа своите шанси.

Максималниот ефект на Хоризонт Турново ги промовираше во победници на шеснаесетиот меморијал, додека Победа и Тиквеш 2014 со идентичен скор во групниот систем го поделија второто место. Сосема очекувано играчите на Хоризонт Турново доминираа и во поединечните категории, па пехарот за најдобар стрелец на турнирот кој го доделува фамилијата Карови заврши кај Марјан Ташев, додека Митко Мавров беше прогласен за најдобар играч.