Венус

Јуни месец содржи неколку исклучителни културни и уметнички настани

Во салата на Домот на културата, во среда на 10 јуни 2015 (од 18:00 и 20:00 часот) ќе се одржат традиционалните Годишни концерти на Балетското студио „Венус“ од Кавадарци. Концертите на „Венус“ вообичаено се големи балетски спектакли со учество на сите групи по возраст и се своевидна презентација на едногодишната работа на ова, речиси дваесет години, едно од најуспешните и најнаградуванимакедонски балетски студија. Кореографиите на Годишните концерти се авторство на Билјана Грозданова Ивановска и Ана Балова и се дел од кореографите со кои „Венус“ зеде учество на меѓународни натпревари, фестивали и карневали во Македонија и странство.

Во петок, 12 јуни 2015, љубителите на културата и уметноста во Кавадарци ги очекуваат два настани во организација на кавадаречкиот Дом на култура. Во Галеријатa при Домот на културата, со почеток од 20:00ч. ќе биде отворена самостојна изложба на познатиот македонски ликовен уметник Новица Трајковски, кој пред кавадаречките љубители на ликовната уметност доаѓа со дела од неговиот последен креативен циклус, со кои претходно се претстави во Скопје, Велес и Неготино.

Истата вечер, со почеток од 21:00ч. на локацијата на „Парк на Револуцијата“ спроти полициската станица во Кавадарци, ќе се одржи целовечерен концерт на познатата македонска етно група „Монистра“.