ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ БЕШЕ ДОМАЌИН НА СТУДЕНТИ И ПРОФЕСОРИ ОД АРХИТЕКТОНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ПРИ УКИМ ОД СКОПЈЕ

Денеска градоначалникот на  Кавадарци м-р Митко Јанчев и деканот на факултетот заархитектура д-р Огнен Марина потпишаа меморандум за соработка. Студентите на Архитектонскиот факултет со свои проекти ќе даваат нов лик на Кавадарци. Нивните предлози и идеи ќе бидат дел од идното уредување на градот. токму со таа цел, идните архитекти со своите проекти да дадат поубав лик на градот.

          Градоначалникот Јанчев непосредно по потпишувањето на меморандумот изјави: „Студентите и целокупниот капацитет на Архитектонскиот факултет ќе бидат вклучени во овој меморандум за соработка за давање студии и идеи за наши потреби. Општина Кавадарци ќе изготви приоритетни проблеми и видувања за развојот на градот и ќе ги прати до факултетот, а ќе добиваме помош од факултетот во развојот на градот“.

          „Покрај деканот и професорите имаме и 90 студенти, гости, кои денеска ќе ни презентираат нивна визија и гледање за проблемите во град Кавадарци. Ми се чини дека е вклучен и градскиот плоштад за негово раззеленување и разубавување и вклучување на други содржини. Се надевам на успешна соработка со овој факултет бидејќи нивниот капацитет е немерлив“ подвлече градоначалникот Митко Јанчев.

Јанчев нагласи дека соработката на Општината Кавадарци со високо образовните институции е исклучително значајна не само за студентите туку и за Локалната самоуправа.

          Деканот на факултетот проф.д-р Огнен Марина го поздрави потпишувањето на меморандумот со Општина Кавадарци и нагласи дека целиот капацитет на факултетот ќе биде искористен за проекти кои ќе дадат убав лик на Кавадарци. „Архитектонски факултет, од студентите и студентските проекти па се до професорите и стручните и научни студии, кои можеме да ги изработиме, демонстрираме капацитет, не само за справување со предизвиците кои ги имаат градовите во Македонија, туку и нашата посветеност заедно со локалната заедница да ги споделиме нашите знаења и искуства за да создадеме подобри градови, подобри локални заедници“ рече деканот.

          Тој го потенцира фактот дека Кавадарци секогаш бил во фокусот на архитектите и планерите и дека пред неколку децении професор од факултетот ги подготвувал урбанистичките планови на Кавадарци. „Се разбира дел од оние точки, објекти кои се автентични во градот и кои се дел од идентитетот на градот, да ја спомнам спомен костурницата, паркот, центарот на градот, па дури би рекол и зградата на општината се предизвик и би рекол една од ретките средини каде можеме да се почувствуваме градски. Врз основа на сето тоа искуство на тој историјат на градот ние можеме да размислуваме и за иднината“ рече деканот на Архитектонскиот факултет.