СВЕТИ ТРИФУН 2018

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАНЧЕВ И ДРЖАВНИОТ ВРВ ГО ОДБЕЛЕЖАА ПРАЗНИКОТ НА ЛОЗАРИТЕ СВЕТИ ТРИФУН

 Во чест на празникот на лозарите Свети „Трифун“ Општина Кавадарци денеска беше домаќин на шефот на државата, Ѓорге Иванов на премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и на неколку амбасадори.

Пред општинската зграда премиерот и претседателот беа пречекани од домаќинот, градоначалникот Митко Јанчев. Потоа присуствуваа на свечен прием по повод празникот во општинската сала каде градоначалникот Јанчев ги запозна првите луѓе во државата со работењето на општина Кавадарци. Јанчев зборуваше и за идните проекти кои треба да се реализираат. Градоначалникот Јанчев ја нагласи успешната соработка со советот на општината вклучително со сите политички субјекти во него, посочувајќи го како единствен успешен пример во Македонија, со цел делување во полза на граѓаните и локалната заедница..

Високите гости на плоштадот во Кавадарци ја имаа можноста да прошетаат и по штандовите на винариите како и на малиите локални производители и да ги дегустираат кавадаречките вина и производи од грозје.

 Денеска симболично се закрои виновата лоза, Со молитва до Свети Трифун упатена од неговото преосвештенство митрополитот Повардарски г. Агатангел кој чиноначалствуваше во сослужение со свештеници од Кавадарци.

Чинот на закројување на импровизиран лозов насад на градскиот плоштад го извршија: претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, градоначалникот Митко Јанчев, Митрополитот на Повардарската Епархија г.Агатангел и пратеникот Панчо Миниов.

Како што налага традицијата, на симболичното закројување претходеше литургија со која чиноначалствуваше повардарскиот митрополит, лозата се поеа со вино. Беше упатена едногласна порака и молитва, лозјата да родат квалитетно гројзе, родот да се плати, а Свети Трифун да ги штити лозјата од болести и штетници.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев им го честита празникот на лозарите и винарите и посака бериќетна година за сите. „Денеска е голем празник за Кавадарци“. Празникот Свети Трифун е заштитник на виновата лоза. Празникот е еден убав дел од нашето минато и треба да биде убав дел од нашата иднина. Овој Свети Трифун нека биде почеток на една нова ситуација во лозарството за едни нови стандарди. Винарските визби да бидат тие кои ќе прават добро вино, лозарите добро грозје, а државата да биде таа која ќе не заштити заедно со општината родот на грозје да се плаќа на време. Како градоначалник и лозаро производител да ви кажам дека ми е чест и задоволство една ваква убава општина со убав народ да ја закроиме оваа лоза и да покажеме дека ќе имаме бериќетна година“ рече Јанчев.

 Пред кавадарчани шефот на државата Иванов порача „На лозарите и винарите во духот на нашата традиција да посакаме Свети Трифун да им донесе многу бериќет, а на винарите квалитет. Годината да биде родна и благородна. Годината да биде успешна не само за лозарите и винарите туку и за сите нас. Посакувам годината да донесе и многу вино кое ќе ни биде секој пат при рака кога треба да одбележуваме настани и да се радуваме на животот“.

Пред крајот на посетата градоначалникот Јанчев и претседателот Иванов го посетија Музејот на вкусовите, каде имаа можност да се запознаат со традицијата и дел од археолошко, историското и културно наследство на Кавадарци. Претседателот Иванов остави свој белег и во книгата на впечатоците после обиколката на музејските поставки

Прослвата на Свети Трифун продолжува и вечерва во Кавадарци. За кавадарчани целовечерен концерт ќе има Владо Јаневски, а пред полноќ ќе следи настап и ди-џеи.