СЦ Јасмин-патека реконструкција (4)

НОВА АТЛЕТСКА ПАТЕКА И ОБНОВЕНО ОСВЕТЛУВАЊЕ НА СЦ „ЈАСМИН“

Општина Кавадарци во склоп на Програмата за комунално уредување инвестира и во подобрување на условите за рекреација на граѓаните.

Деновиве започнаа градежните работи за ревитализација дел на Спортскиот центар „Јасмин“. Градежната фирма „Градба промет“ од Кавадарци работи на обновување на атлетската патека. Според проектот постојната земјена подлога ќе биде заменета со асфалт на вкупна површина од 3.150м2. Патеката од внатрешната и надворешната страна ќе биде обградена со нови ивичници во вкупна должина од 845 метри. Воедно на западната страна ќе се изврши проширување на патеката и нејзино продолжување кон север за да се оформи патека за трка на 100 метри.

Паралелно со градежните работи општината ќе изврши и реконструкција на постојното јавно осветлување за да се подобри видливоста во ноќните часови. Затоа на постојните 14 канделабри ќе се постават нови светилки „дво-крака конзола“ со што ќе се подобри осветлувањето. Се работи на ревитализација и на подобрување на електричната мрежа.

Овој проект ќе ја чини општината 2.528.799 денари. Парите се обезбедени од буџетот.

Инаку Општина Кавадарци во наредниот период планира нови проекти со кои ќе се подобрат условите за рекреација и одмор на најомиленото и најпосетено место од граѓаните рекреативци.