нова градинка во Кавадарци (1)

НОВАТА ГРАДИНКА ВО КАВАДАРЦИ ЌЕ ЗГРИЖУВА СТОТИНА ДЕЧИЊА

Во кругот на здравствен дом Кавадарци во тек се градежни активности за реконструкција на старата лабораторија и адаптација на детска градинка. Новата градинка ќе згрижува над стотина дечиња, а инвестицијата чини 7,5 милиони денари, информираше дополнителниот замени министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој заедно со градоначалникот Александар Панов беа на увид на градежните активности.

Општината и Министерството за труд и социјална политика преку владата ја обезбедиа оваа локација,  која во минатото беше старата лабораторија. Стариот објект  е целосно срушен  и се започнува изградбата на новиот објект, на новата детска градинка, која ќе згрижи над 100 дечиња од Кавадарци. Кавадарци веќе подолг период се соочува со проблем од немање доволно простор за згрижување на децата. Постоечките објекти на детската градинка „Рада Поцева“ се преполнети, а сеуште е голем бројот на родители кои чекаат прием на нивните деца во градинка.

Градоначалникот Александар Панов информираше дека покрај изградбата на овој објект за детска градинка Општината проблемот со недостаток од слободни места во градинка ќе го решава со изградба на уште еден нов објект кој ќе згрижува над 200 дечиња. „Имаме од поодамна обезбедено една локација за која имаме  и урбанистички план. Истата беше во овој период предмет на денационализација и враќање на старите сопственици. Сега повторно почнуваме постапка за експропријација на тоа земјиште. Тогаш кога ќе завршиме со исплатата, односно  со постапката за експропријација, а се надевам дека тоа ќе биде почеток на наредната година,  ќе имаме услови на повеќе од 2 декари простор,  кој е во урбаните заедници „Задругар“ и „Слога“ да територијално ја задоволиме оваа потреба. Потребата е голема во овој простор од детска градинка. Во Кавадарци постои голем интерес околу првата приватна градинка. Ние имаме една стара локација која владата ни ја додели а се наоѓа бузи СОУ Ќиро Спанџов- Брко. Ќе ја понудиме на продажба. Имаме интересенти за тоа  и мислам дека набргу ќе бидеме сведоци и на првата приватна детска  градинка“ рече Панов.

Дополнителниот замени министер за труд и социјална политика, Диме Спасов за изградбата на оваа градинка вели: „Со зголемувањето на бројот на ново отворени работни мета се зголемува и потребата на родителите за згрижување на нивните деца во детските градинки. Од тука заедно со општината интервенираме со цел да се создадат нови капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст. Очекувам градинката да биде пуштена во употреба на почетокот од 2017 година, односно некаде до крајот на месец февруари.  Владата доделува локација,  а општината го превзема делот со изградба на објектот. Инвестицијата чини околу 7,5 милиони денари. Ќе продолжиме со интензивна соработка со општината. Во нашиот план за работа и понатаму стои зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст. Во 2017 исто така планираме да се започне со изградба на уште една поголема градинка со капацитет од 200 до 250 деца, со тоа и целосно ќе бидат задоволени потребите на родителите“ рече Спасов.