Категорија: Образование и наука

Еразмус плус

Еразмус плус

Училиштето „Гoце Делчев“ е дел од програмата „Еразмус плус“, со одобрен проект: „Мисија на куклите – учење низ игра“, кој е дел од акција К2-Училишни партнерства. Во периодот од 26.05.2015 до 30.05.2015 училиштето беше домаќин на земји партнери: Литванија, која истовремено е координатор и апликант на проектот, Холандија, Романија, Италија, Бугарија, Шпанија и Португалија. Во училиштето беа одржани презентации на тема „Образование надвор од училницата“, „Традиционални игри“, како и „Здрава традиционална храна“.

За време на Интернационалната вечер која се одржа во ресторан Ексклузив, секоја земја презентираше своја традиционална храна, која присутните можеа да ја дегустираат. Гостите се запознаа и со убавините и културното наследство на Македонија со посета на Охрид и Скопје. Италијанскиот тим, заедно со координаторот на проектот, Милка Мркева, и наставничката Николинка Илиева, остварија посета на италијанската амбасада во Скопје.

За време на заедничкиот ручек со заменик Амбасадорот Г-н Кандела, кој завршил основно образование во партнер училиштето во Сиракуза, беше разговарано за придобивките и значајноста на овој проект, преку мобилност на наставниот кадар, за приближување кон современ, европски образовен процес. Досега неколку наставници беа на обука во Сиракуза, Италија и Елче, Шпанија, а во текот на наредните две години ќе бидат реализирани уште голем број обуки во земјите партнери во проектот, во соработка со Националната агенција за образование на Р.Македонија.

Гимназија Класни првенства

Гимназија Класни првенства

Со финалните натпревари во мал фудбал и кошарка заврши циклусот натпревари во класното првенство на гимназијата „Добри Даскалов“ за учебната 2014/2015 година.

Победник на првенството во мал фудбал е екипата на II1, која со резултат 1:0 (1:0) ја победи  IV3 година. Претходно во малото фимнале за трето место екипата на  II7 славеше  по изведувањето на пенали 2:1 откако претходно одиграа нерешено 2:2 со тимот на IV4.

Конечниот пласман на класното првенство во мал фудбал е следниот:  прво место II1, второ тимот на IV3, на третото место се пласира екипата на II7 , а четврта е екипата на IV4клас. Наградите на најдобрите ги доделија секретарот на општина Кавадрци Кире Делов и директорката на гимназијата Невенка Поп-Ангелова. На првенството кое започна во првото полугодие учествуваат 28 екипи од сите паралелки. Есенскиот дел се играше по бод систем, а најдобрите од групите пролетва се бореа за титулата.

Победник во финалето во кошарка е екипата на  IVклас која во финалето беше поуспешна од тимот на III3 клас забележувајќи победа од 37:28 на полувремето беше 13:15 за учениците од трета година.

Класните првенства во овој формат се под покровителство на градоначалникот и Советото на општината од есента 2009 година. Наградите ги обезбедува општината со што ја искажува својата определба за поддршка на школската младина.

При доделувањето на наградите секретарот  Делов ја потврди определбата на Градоначалникот и Советото за покровителство на класното првенство. Според него ова е еден добар пример за развој на физичката култура кај младата популкација и нејзино насочување кон спортските активности. Притоа ги посочи ангажманите на општината и Владата за изградба на нови спортски објекти во кавадаречките училиште меѓу кои и две нови училишни спортски сали, како и обновување и реконструкција на постојните спортски терени за нивно ревитализирање меѓу кои се и терените во гимназијата. Тој посака од сегашните млади спортисти во гимназијата да се изнедрат  врвни кавадаречки  и македонски спортисти како нивните славни претховници во кошарката, фудбалот и ракометото.

Директорката Поп-Ангелова ја посочи исклучително добрата соработка на општината со училиштетео и несомнено искренатра и голема поддршка која градоначалникот и советото ја искажуваат во секоја прилика.

Доделени решенија за вработување на наставници

Доделени решенија за вработување на наставници

Градоначалникот Александар Панов во присуство на претседателот на Советот, Горица Пеливанова Вилхелм, советникот за образование во општината Зорица В‘чкова и директорите на основните и средните училишта на скромна свеченост во салата на Советот додели 20 решенија за вработување на неопределено време на просветни работници.
Станува збор за наставници кои изминатите две па и повеќе години бе времено ангажирани во изведувањето на наставниот процес. Со решенија за трансформација на работниот однос се здобиа по тројца просветни работници од ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“ и од ООУ „Страшо Пинџур“. На петмина учители од ООУ „Тошо Велков-Пепето“ Панов исто така им додели решенија за работа, а еден наставник од ООУ „Димката Ангелов-Габерот“ од Ваташа се здоби со статус на работа на неопределено време.
Градоначалникот Панов додели решенија и за петмина нововработени професори во Гимназијата „Добри Даскалов“, како и на тројца наставници од СОЗШУ „Ѓорче Петров“.
Во своето обраќање градоначалникот Панов на сите наставници им го честиташе трансформирањето на работниот статус, со желби за успешна работа. Притоа тој посака нивната благородна професија во образованието на децата да ја извршуваат одговорно и родителски со цел кај младите да остават траен белег на нивната работа и успешно да образуваат и воспитаат генерации на деца на кои ќе се темели иднината на Република Македонија.
Честитки за вработувањето новите наставници добија и од претседателот на Советот Горица Пеливанова Вилхелм.

Ученици од с. Возарци во посета на општината

Ученици од с. Возарци во посета на општината

Ученици од 1 до 5-то одделение од подрачното основно училиште „Страшо Пинџур“ од селото Возарци денеска беа во посета на Општината Кавадарци, а во склоп на нивната настава по предметот општество каде се изучува и методската единица „Поставеност и работа на Општината“.

Домаќин на педесеттината деца и нивните одделенски наставници беше градоначалникот на општината Александар Панов.

Средбата се одржа во салата на Советот на опоштината, каде учениците со серија прашања поврзани за лекцијата која ја обработуваа како дел од нивната теренска настава се интересираа за поставеноста, начинот на функционирањето и рабоотењето на Советото, Градоначалникот и службите во општината.

Градоначалникот Панов одговараше на сите нивни прашања притоа помагајќи им на децата преку  јасни и за нивна возраст разбирливи одговори да им ја приближи проблематиката на неговото ангажирање како и за функционирањето на телата, органите и службите во општината.

Од учениците беа поставени и прашања кои се однесуваа на ентериерното уредување како и уметничките дела во салата на советот и во Кабинетот на градоначалникот.

Во вториот дел од средбата токму кабинетото беше местото каде децата се интересираа за сликата масло во платно на академскиот сликар Горан Боев на која е претставена сцена од „Тиквешкото Востонаие“ 1913 година.

Држењето од еден час мина на задоволство на гостите и домаќинот по што учениците од селото Возарци се упатија кон Полициската станица, потоа музичкото училиште и новиот музеј, каде исто така имаа договорени средби за одржување наставен час.

Ученици од Кавадарци во посета Бјела – Италија

Ученици од Кавадарци во посета Бјела – Италија

Со поддршка на Локалната самоуправа и бизнис секторот ученици од ООУ „Гоце Делчев“ Кавадарци беа во посета на училиштето „Институто Ла Мармора“ во градот Бјела северна Италија,  со кое кавадаречкото училиште повеќе години ја продолабочува образовната соработка.

Денеска во работниот кабинет, овие ученици заедно со наставничката по италијански јазик ги прими градоначалникот Александар Панов кој се интересираше за вшечатоците на учениците како и за разликите во образовниот процес кај нас и во Италија. Учениците ги споделија своите импресии од посетата во Италија со градоначалникот.

„Веќе неколку години ООУ „Гоце Делчев“ со нивниот наставник по италијански јазик имаат соработка со училиштето во Бјела. За прв пат со помош на локалната самоупрва и бизнис секторот овие деца кои се патем речено и прва генерација на  ученици кои го изучуваат италијанскиот јазик имаа можност да се дружат неколу дена со нивните другарчиња од Италија, да го повторат она што го имаат учено. Но  и преку  децата да оствариме и ние возрасните,  некоја соработка. Ние и претходно имавме соработка со градовите во близина на Торино и Милано. Се надевам дека оваа образовна соработка ќе продолжи и понтаму и нивни деца ќе дојдат во Кавадарци да ја  видат  нашата култура и менталитет  и соработката ќе се продлабочува и на други полиња. Моја желба е да воспоставиме и стопанска соработка со општина Бјела. Мислам делка добро е овие ученици да го изучуваат италијанскиот јазик и во средно образование. Правиме напор со МОН и со амбасадата на Италија во Македонија да успееме во намерата и во средните училишта во овој регион се изучува италијанскиот јазик“ рече Панов.

Учениците се задоволни од тоа што можеле да го видат во Италија, од начинот на кој се изведува наставата, но и од комуникацијата меѓу нивните врсници која не е сведена генерално само преку социјалните мрежи. „Воодушевена сум од посетата. Градот е многу чист. Наставата е многу убава. Сите ученици се дружат и комуницираат, за разлика од кај нас, каде  сите седиме на нашите мобилни телефони. Таму има многу поголема комуникација меѓу учениците“ рече Аница Пешиќ ученичка во ООУ „Гоце Делчев“.

Наставничката по италијански јазик во кавадаречкото училиште Даница Мургова нагласува дека кај учениците има голема желба за изучување на италијанскиот јазик. „Италијанскиот јазик е многу застапен во нашето училиште. Учениците имаат многу голема желба да го изучуваат. Нашето училиште е прво кое има ваква меѓународна соработка со училиште од Италија. Се надевам дека учениците она што го видоа таму ќе можат да го применат и тука“ рече Мургова.

Советничката за образование при локалната самоуправа Кавадарци, Зорица В`чкова која исто така беше дел од делегацијата во Италија се надева дека следната учебна година италијанскиот јазик ќе се изучува и во средните училишта но и во други основни училишта. „Мило ми е што продолжи проектот на Националниата агенција за воспитно образовна програма. Учениците го согледаа начинот, методологијата и пристапот во воспитно образовниот проце кој е многу поразличен од кај нас. Се надевам дека следната година ќе имаме и средношколци кои ќе го изучуваат италијанскиот јазик и дека во другите основни училишта во Кавадарци ќе се пројави интерес за изучување на италијанскиот јазик“ рече В`чкова.