Започна реновирањето на сцената и соблекувалните во Домот на културата

ЗАПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СЦЕНАТА ВО ДОМОТ НА КУЛТУРАТА

Започна реновирањето на сцената и просторот за глумците-гримиони, во Домот на културата „Иван Мазов-Климе” во Кавадарци. Увид во почетните градежни зафати изврши градоначалникот Александар Панов кој рече дека ова е последниот градежен зафат во културниот дом. Тој најави и дополнително опремување во културната установа. „По неколкуте инвестиции во изминатите години, овде завршуваме со инфраструктурните вложувања. Ова всушност значи заокружување на реконструкцијата и доведување на домот во добра кондиција. Претходно инвестиравме во столчиња, тоалети, 3Д кино“ рече Панов.

Реконструкцијата ќе заврши за еден месец, а инвестицијата чини околу триесет илјади евра. Со тоа, нагласи Панов се решаваат сите инфраструктурни потреби на културните установи во градот.

Директорот Владимир Темков се заблагодари на локалната самоуправа за вложувањето во Домот. „Кавадарци ќе има еден од поубавите домови на култура во државата, ќе биде меѓу најубавите од оние кои се изградени приближно во истите години“ нагласи тој.