Категорија: Образование и наука

ПОСТАВЕНА ОГРАДАТА НА НОВАТА ГРАДИНКА

ПОСТАВЕНА ОГРАДАТА НА НОВАТА ГРАДИНКА

Оперативата на фирмата „Метал Апостолов“ од Кавадарци ги изведува завршните работи на поставувањето на металната ограда околу објектот на новата градинка во кругот на старат болница.

Со оградувањето завршува уште еден дел од проектот нов одбјект на детска градинка во кој треба да бидат сместени околу 100 деца од предшколска возраст.

Оваа фаза од проектот во делот на финансиите чини 430.000 денари.

2 ФАЗА ОД РЕНОВИРАЊЕТО НА ЗГРАДАТА ОД ПОДРАЧНОТО УЧИЛИШТЕ ВО СЕЛОТО МАРЕНА

2 ФАЗА ОД РЕНОВИРАЊЕТО НА ЗГРАДАТА ОД ПОДРАЧНОТО УЧИЛИШТЕ ВО СЕЛОТО МАРЕНА

Согласно програмата за комунална изградба општина Кавадарци го реализира проектот за реконструкција на старата зграда на подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во селото Марена.

Во тек се работите од втората фаза со која се опфатени поставување на термо изолациона фасада, како и целосна замена на дрвената столарија со енергетски ефикасни ПВЦ врати и прозорци.

Во училиштето во село Марена  учат вкупно 35 ученици од прво до петто одделение  поделени во 5 паралелки.

По завршувањето на градежните работи општината во многу ќе ги подобри условите за редовно и непречено одвивање на наставата и воспитно образовниот процес.

За оваа намена локалната самоуправа инвестира вкупно 1.085.000 денари, пари од оперативниот буџет.

Претходно општина Кавадарци во првата фаза од реновирањето во целост го обнови покривот, а беа изведени и работи на санација на училниците и ентериерот во дотраената и стара училишна зграда.

5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЧЕНИЧКИОТ ДОМ

5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЧЕНИЧКИОТ ДОМ

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов изврши Увид во работите на реконструкцијата просториите во ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“ во Кавадарци. Се обновуваат ѕидовите, се менува столаријата, се реновираат санитарните јазли и ентериерот. Проектот е на Владата и Министерството за образование и наука вреден околу пет милиони денари Со сретства од општината, претходно беше извршена замена на подовите во домот.

Градоначалникот Панов информираше дека со финансиски средства од локалниот буџет ќе се набават нови душеци за креветите во интернатот како заокружување на рновирањет. „Со тоа ќе имаме комплетно реконструирани институции од ваков вид во општината, без разлика што домот не е под надлежност на локалната самоуправа“ нагласи градоначалникот.

Директорката Трајанка Толева појасни дека се реновира целиот втори кат, 14 простории плус ходници. Ова е прва реконструкција во домот кој постои околу четири децении.

Советникот во Советот на општина Кавадарци, Ристо Сакалиев, потсети на времето кога и самиот престојувал во овој дом, посакувајќи учениците кои престојуваат тука, да имаат што е можно подобри услови за живот додека се школуваат.

Капацитетот на ученичкиот дом е сто ученици. Реновирањето треба да заврши до крајот на месец август и домот подготвен да ги прими новите корисници.

НАГРАДАТА „МАРИЈА СКЛОДОВСКА-КИРИ“ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД ТХТ

НАГРАДАТА „МАРИЈА СКЛОДОВСКА-КИРИ“ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД ТХТ

Повеќе од 500 наставници, членови на националните агенции, членови на Европската Комисија и претставници од Министерствата за образование на 41 држава беа присутни на Годишната е-Твининг конференција која се одржа од 27 до 29 октомври во Атина, Грција.

На оваа конференција беа доделени 12 награди во различни категории, а ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“ ја доби наградата „Марија Склодовска Кири“ за проектот „Млади научници“. Наградата ја доби наставничката по англиски јазик, Елизабета Филипова, е-Твининг амбасадор во Република Македонија. Во овој проект учествуваа учениците од шесто одделение и наставничките: Елизабета Филипова, Цвета Маркушева, Слободанка Стоева, Елеонора Гурева, Снежана Костова и Славица Јаневска. Оваа награда за прв пат ја добива училиште од Македонија заедно со партнерите кои работеа на заедничкиот проект.

Во овој проект учествуваа училишта од 40 европски држави. Учениците од шесто одделение имаа видео конференции со ученици од сите европски земји и правеа експерименти за да научат за својствата на водата и воздухот. Учениците нацртаа цртежи и напишаа пораки за како да се зачуваат водата и воздухот, ги изложија во ходниците на училиштето и направија видео записи. Видео записите беа објавени на Facebook и учениците ги споделуваа со цел да се прошират нивните пораки.

Конференцијата беше на тема „еТвининг и дигиталното граѓанство“. Имаше предавања за употребата на еТвининг во зголемувањето на можностите на училитата за како да ги подготват учениците за целосното дигитално општество во иднината.

еТвининг е платформа за соработка со наставици од сите европски држави на заеднички проекти со употреба на ИКТ и е под поткровителство на Националната агенција за европско образование и мобилност.

Градоначалникот Александар Панов беше во посета на ООУ „Тошо Велков-Пепето“

Градоначалникот Александар Панов беше во посета на ООУ „Тошо Велков-Пепето“

На почетокот од новата учебна година градоначалникот Александар Панов беше во посета на ООУ „Тошо Велков-Пепето“. Имаше можност на самото место да се запознае со условите и подготвеноста на училиштето за новата учебна година. Панов оствари кратки средба со учениците во неколку паралелки од претпладневната настава на часовите по музичко, историја и информатика. Градоначалникот во рамките на престојот изврши обиколка на наставничкиот кабинет и помошните простории.

Во изјава за медиумите тој искажа задоволство од она што го виде. Притоа нагласи: „Она што го видов е навистина добро. Подготвеноста на училниците и кабинетите е одлична. Училиштето целосно го оправда државното признание за најдобро во Македонија. Уште еднаш констатирав дека општинските, републичките и средствата од донаторите вложени во обнова и реконструкција на објектот го нашле вистинското место. Се уверив и во професионалната изведба на целосно обновениот санитарен јазол во училиштето, што беше последна од низата проекти на општината во објектот. Во оваа прилика морам да истакнам дека состојбата и со останатите општински основни и средни училишта во општината е иста. Имаме целосно реконструирани објекти кои подготвени ги дочекаа учениците“.

Директорката на училиштето Ѓурѓица Алексова од името на учениците и наставниот кадар се заблагодари на Панов, на Советот и на Општината што имаат разбирање за потребите на образовните институции и редовно прават проекти ско кои се подобруваат условите за работа и престој во училиштата.

На крајот од посетата градоначалникот Панов уште еднаш на сите ученици им посака успешна учебна година со ветување дека инвестициите во образовните институции ќе продолжат и во наредните години.