легенди - втора легенда

Втора легенда

Според друго едно предание денешно Кавадарци настанало кон крајот  на 17 век, по австрискиот поход и паѓањето на српските и македонските краишта под турска власт. Имено по Австро-турската војна (1689-1690) биле извршени значајни промени во населбите и кај населението. По повлекувањето на австриските војски, поради насилството на некои разбојнички банди, имало голема миграција на населението. Тогаш еден дел од населението на опустошената населба Дукена која се наоѓала во близина на денешно Кавадарци се преселиле околу кулата изградена од Турците кон крајот на 14 век, во близина на манастирот Св. Димитрија, на левиот брег на реката Велика. Меѓу првите преселници од Дукена било големото семејство Велехановци. Покасно се доселиле и други семејства и се формирала нова населба, која по името на првите жители го добила името Велехан, односно Велеханци. Како поголемо населено место во тиквешката област денешно Кавадарци се споменува кон крајот на  18 век, кога местото Велехан, било бележано со топонимот Кавадар, односно Кавадарци.