Легенди и преданија за Кавадарци

легенди - ојконим наслов

Ојконим на името

Името на градот Кавадарци за прв пат се споменува во 15 век. Во турскиот пописен дефтер на Ќустендилскиот санџак, ојконимот на градот е регистриран како Село Кавадарци со формата Кавадарче и со втор назив Ваташа.

легенди - Ојконим на името

Старо Кавадарци

Во словенските пишани споменици неговото име е документирано дури во 17-18 век. Со формата Кавадарци  името на градот е забележано во кодикот на Трескавечкиот манастир од 17 до 18 век. Во 19 век името на градот е забележано во еден надгробен натпис во црквата “Св. Димитрија” во Кавадарци, а кај птописецот Јохан Хан е запишано во обликот Кавадар.

На географска карта  од 1900 година е забележано во форма на Кавадар, а на картата од 1916 година, Васил Кнчов името на градот го забележал како Кафадарци, а Бранкоф го бележи како Кафадартзи.

На картата на Јаранов името на градот е регистрирано како Кавадарци, а Јован Цвијиќ ни го преставува како Кавадарце, а Воислав Радовановиќ во својата монографија за Тиквеш и Раец го забележал обликот  Кавадарци.

легенди - за името на областа Тиквеш

Легенда за името на областа Тиквеш

Пред да го добие името Тиквеш не се знае какво име имала оваа област. Според едно предание во близина на селото Ресава на површина од околу еден хектар се наоѓала стара античка населба која според мештаните се викала Градот. Населбата била обиколена со високи ѕидови кои на места достигнувале повеќе од 6 метри,  а биле широки од 2 до 3 метри во основата. Должината на ѕидот изнесувал повеќе од 400 метри.

Според преданието во месец август 1018 година во близина на рекичката Ресавска се случила голема борба помеѓу бранителите на Градот и византиската војска.  Поради жестокоста на битката имало жртви и на обете страин на реката. Бидејќи времето било многу топло а немало кој да ги погребе мртвите тела на загинатите војници тие од жешкото сонце биле подуени како тикви, па според тоа и областа го добила името Тиквеш, а и малата рекичка каде што и се одиграла борбата ја нарекле Тиквешица, а тоа име го има до денеска.

легенди - Етимолошки корени

Етимолошки корени на името на градот Кавадарци

Според етимологијата-односно науката за корените на името на некој град, село или населба може да се каже дека името на градот Кавадарци  потекнува од новогрчкиот збор кавадион, што значи вид на наметка изработена од еден вид скапоцена ткаенина. Или зборот кавад е плашт или наметка од скапоцена ткаенина, која во средниот век ја носеле  световни или црковни великодостојници. Аналогно на свилар, од кој се изведува именката свилари, од возар – возарци, од рибар – рибарци, од кавад би се изведила именката кавадар, што би било изработувач или продавач на таков вид производ или материја.

легенди - Увод

Легенди за постоењето и името на Кавадарци

 

Кога Турците доаѓаат во Тиквешијата во времето на освојувачот Тимурташ Паша во 1385 година, и по кратко време го освојуваат Кавадарци како населено место не постоело. Местото на кое што  е изградено денешно Кавадарци служело за пладнување (пладниште) на добитокот од блиските околни селе: Злешево, Раштани, Хохово, Белград о др. Тоа место (пладниште) од своја страна одиграло суштинска улога при именувањето на новото населено место кое подоцна е именувано како Кавадарци.

 

легенди - прва легенда

Прва легенда

 

Имено на семејството Чулеви од селото Раштани им се изгубила една крава. Стариот Никола Чулев по долго барање успеал да ја пронајде кај пладништето. Се обидел да ја фати, но не успеал. По неколку обида  откако не успеал да ја фати кравата, видно разлутен земал еден поголем камен и мавнал по кравата, и притоа и ја искршил ногата.

Бидејќи сега кравата не можела да се движи, Никола ја убил на местото и започнал да и ја дере кожата. Тоа го виделе неговите соселани кој тука исто така го напасувале својот добиток и тоа место го нарекле Краводер. Подоцна селаните од Раштани и Оово решиле да се населат на тоа место, со што ги положиле темелите на сегашниот град Кавадарци.

легенди - втора легенда

Втора легенда

Според друго едно предание денешно Кавадарци настанало кон крајот  на 17 век, по австрискиот поход и паѓањето на српските и македонските краишта под турска власт. Имено по Австро-турската војна (1689-1690) биле извршени значајни промени во населбите и кај населението. По повлекувањето на австриските војски, поради насилството на некои разбојнички банди, имало голема миграција на населението. Тогаш еден дел од населението на опустошената населба Дукена која се наоѓала во близина на денешно Кавадарци се преселиле околу кулата изградена од Турците кон крајот на 14 век, во близина на манастирот Св. Димитрија, на левиот брег на реката Велика. Меѓу првите преселници од Дукена било големото семејство Велехановци. Покасно се доселиле и други семејства и се формирала нова населба, која по името на првите жители го добила името Велехан, односно Велеханци. Како поголемо населено место во тиквешката област денешно Кавадарци се споменува кон крајот на  18 век, кога местото Велехан, било бележано со топонимот Кавадар, односно Кавадарци.

легенди - Трета легенда

Третата легенда 

Говори за тоа дека јужно од Кулата, покрај реката Луда Мара, некогаш имало голем камен и една висока топола, под која имало извор со ладна вода. Местото околу изворот било многу погодно за пасење и пладнување на добитокот. Месноста луѓето ја викале „Кав-дар” (топола-место). Од оваа сложенка прво бил изведен топонимот “Кав-дар”, а подоцна и Кавадарци. На турски: “Кавак”, значи топола,  “Дар” – тесно место.

легенди - четврта

Четвртата легенда исто така дава свое толкување за градот Кавадарци.

Имено некој простодушен селанец од населбата Тиквеш, која се наоѓа на околу 5 км. југо-западно од денешно Кавадарци, барајќи го својот загубен добиток дошол до изворот и тополата, до реката Луда Мара. За среќа тука го нашол изгубениот добиток. Загледан во убавото и романтично катче на природата, селанецот од големо задоволство воздивнал и извикнал: “Каков кавин- дар”! Од “Кавадар”, во значење во местото во “место на кравите” се претпоставува дека настанал топонимот Кавадар, односно Кавадарци.