Легенда за името на областа Тиквеш
Пред да го добие името Тиквеш не се знае какво име имала оваа област. Според едно предание во близина на селото Ресава на површина од околу еден хектар се наоѓала стара античка населба која според мештаните се викала Градот. Населбата била обиколена со високи ѕидови кои на места достигнувале повеќе од 6 метри, а биле широки од 2 до 3 метри во основата. Должината на ѕидот изнесувал повеќе од 400 метри.
Според преданието во месец август 1018 година во близина на рекичката Ресавска се случила голема борба помеѓу бранителите на Градот и византиската војска. Поради жестокоста на битката имало жртви и на обете страин на реката. Бидејќи времето било многу топло а немало кој да ги погребе мртвите тела на загинатите војници тие од жешкото сонце биле подуени како тикви, па според тоа и областа го добила името Тиквеш, а и малата рекичка каде што и се одиграла борбата ја нарекле Тиквешица, а тоа име го има до денеска.